Екипата на Динамо Букурешт во натпревар од 4. коло од Лигата на шампионите триумфираше против Порто со резултат 32:27, со што ја оствари првата победа во годинешната сезона од најквалитетното европско натпреварување, додека Порто го доживеа четвртиот пораз по ред и останува на дното на табелата во групата А.
Мечот тргна со голема борба на двете страни и до крајот на првото полувреме се играше гол за гол. На моменти во воведниот дел домаќинот успеваше да одржи позитива од еден гол, но ракометарите на Порто секогаш наоѓаа простор низ одбраната на гостите и доаѓаа до изедначување на резултатот.
По нерешените 5:5, Валдес со својот прв гол му го донесе првото водство на португалскиот тим од 6:5 и до крајот на првиот дел ниту една од двете екипи не успеа да се одлепи на поголема разлика од еден гол, па така резултатот најчесто беше нерешен. Во резултатската бркотница избраниците на Пасквал успеаја да постигнат гол на петнаесетина секунди пред крајот на првиот дел и на пауза да заминат со минимално водство од 13:12.
Динамо Букурешт за неколку минути игра во второто полувреме влезе во голгетерски ритам и со добри организирани напади стигна до плус четири гола разлика, 18:14, во 38 минута. Порто успеа да излезе од кризниот период, кој го имаше во првите десетина минута во вториот дел, намали на 19:17 во 40 минута, а минута подоцна стигна и до 19:18. Гостите не ги наградија одбраните на Митревски и дозволија домаќините да се одлепат на 21:18.
И романскиот шампион имаше осилации во играта и никако не можеше да ја сочува предноста. Составот на Порто постојано се заканувашe и на десетина минути пред финишот дојде до минус еден, 23:22. Веќе во тој момент беше јасно дека само нијанси ќе одлучат кој ќе ја добие денешната битка. Динамо Букурешт беше повеќе фокусиран во завршниот дел и го водеше натпреварот до сигурна победа.
Најефикасен во победничката екипа беше Али Зеин со десет гола, а шест постигна средниот бек Лазар Кукиќ. На голот на Порто, македонскиот голман Никола Митревски имаше десет интервенции. Во поразениот табор се истакна Џек Турин со осум гола.