Со победата на ПСЖ на гостувањето кај Динамо Букурешт од 29-36(16-22) започна 5. коло во група А од Лигата на шампионите. Во одлична атмосфера пред преполните трибини и расположени навивачи домашните ракометари им парираа на гостите единствено во првите 10 минути, кога двете екипи се менуваа во водство.
Од средината на првото полувреме кога надворешната линија на домашните ракометари почна да промашува, а топките до пивот беа прочитани од обраната на ПСЖ, францускиот спортски гигант започна да ја гради предноста која во одреден период беше блиску двоцифрената граница. ПСЖ ги покажа своите шампионски амбиции и ја најави кандидатурата за Келн.
ПСЖ преку Пранди го отвори резултатот, но домашните ракометари бргу го преземаа водството и инцијативата на теренот. Ако домашните ракометари шансата ја бараа најчесто од надворешните позиции во средина на зоната, гостите од Франција имаа покреативни решенија во нападот. Токму тоа беше клучно за разликата која од средина на првиот дел започнаа да ја создаваат ракометарите на Раул Гонзалес. Кудуз, Кашпарек и Да Силва беа расположени на почетокот на натпреварот, но кога тие започнаа да промашуваат ПСЖ започна да ја гради својата предност. Тренерот на Динамо, Чави Пасквал се обиде да ја освежи надворешната линија, па место Кудуз, да Силва и Кашпарек влегоа Кукиќ, Зеин и Гурбиндо, но само Зеин го покажа својот квалитет и колку толку ја одржуваше својата екипа на пристојна негатива од три голови разлика. Во самиот финиш централниот бек на домаќинот, Лазар Кукиќ се обидуваше да ја протне топката до пивотот на линијата од шест метри, но тоа го читаше одбраната на ПСЖ, а на спротивната страна казната дојде во самиот финиш со највисоки „плус шест“ за гостинската екипа. Пранди ги постави највисоките и конечни 22-16 за ПСЖ по првите триесет минути.
Во вториот дел продолжи прецизната игра на нападот на ПСЖ. Кудуз ги израдува домашните навивачи со првиот гол во второто полувреме, но веднаш следуваше брз одговор од Стеинс, па разликата остана непроменета. Следуваше период кога двете екипи беа успешни во своите напади, а Сипжак ги постави првите „плус седум“ по непрецизниот удар на Кудуз. ПСЖ на средина на вториот дел дојде до „плус осум“ (21-28 40.мин) по истиот рецепт. Овојпат Зеин погоди во пречката, а Сипжак повторно во голот на Динамо.
Кога веќе беше јасно дека Динамо Букурешт нема квалитет да му парира на моќниот ПСЖ, Пранди точно на средина на второто полувреме ги постави највисоките девет голови разлика на овој дуел 31-22 за ПСЖ. Последната четвртина од натпреварот домаќините ја искористија да ја поправат сликата за реномето кое се обидуваат да го изградат. Иако свои минути во финишот имаше одличниот голман Букарату, најблиску до високото водство на гостите, ракометарите на Динамо Букурешт беа на минус шест во 57. минута(27-33). До крајот на натпреварот, ПСЖ го зголеми својот капитал за еден гол, па како конечен резултат на семафорот беше запишан 29-36.
Напрецизен кај победничката екипа беше францускиот репрезентативен бек Пранди со 9 голови, го следеше Полјакот Сипжак кој запиша 6, а Кристопанси Стеинс погодија по 4 пати. Во составот на Динамо најпрецизно беше крилото Акименко, кој имаше 7 погодоци зад своето име, Зеин постигна 5, а Кудуз 4 голови.
До утре ПСЖ се изедначува по бројот на бодови со Веспрем на првата позиција на табелата во група А, додека Динамо Букурешт ќе остане на петтата позиција, со три бодови колку што имаат Загреб и ГОГ.