Екипата на Динамо Букурешт во 8. коло од Лигата на шампионите дојде до важна победа против Висла Плоцк, со резултат 28:26, во натпревар од групата А. Ракометарите на романскиот тим со освоените бода од денешниот дуел во Плоцк направија голем чекор во својата група и го презедоа третото место. Динамо Букурешт сега има десет бода, еден повеќе од бундеслигашот Магдебург, кој има натпревар помалку.
Двете страни во првото полувреме играа во егал, гостите иако добро го отворија натпреварот и во воведниот дел играа според планот и договорот, сепак, домаќинот не се предаваше и од 10 минута до крајот на полувремето рамо до рамо се бореше со тимот од Букурешт. Гостинот со погодоците на Акименко и Гурбиндо поведе со 2:0 во 5 минута, потоа уште во два наврати имаше ,,плус два” водеше со 3:1 и 4:2.
Кон средината на првиот дел Висла Плоцк со серија од 3:0 направи пресврт, го презеде водството и поведе со 5:4. Следуваше период во кој тимот на Динамо Букурешт беше во минимална предност, но не поголема од еден гол, па така резултатот најчесто беше нерешен.
Романскиот шампион пред финишот на првото полувреме казни неколку грешки на домаќинот и повторно дојде на два гола разлика, 11:9. На голот на домаќините солиден беше репрезентативецот на Хрватска, Кристијан Пилиповиќ, кој првиот дел го заврши со шест интервенции. Избраниците на Пасквал не успеаја да ја сочуваат и зголемат предноста и по 30 минути игра резултатот беше 13:13.
Продолжението на дуелот, исто така донесе голема неизвесност. По нерешените 15:15, гостинот во 42 минута со два гола во низа се одлепи на 17:15, додека во 45 минута стигна и до дотогаш највисоките ,,плус три” гола предност и водство од 20:18. Динамо Букурешт одржуваше дистанца од два до три гола разлика, беше чекор пред ривалот и натпреварот го водеше до сигурна победа.
Најефикасен во победничката екипа беше Али Зеин со пет погодоци. Во поразениот табор одлична партија одигра Тин Лучин, кој имаше десет погодоци од исто толку обиди.