Ракометарките на Куманово во натпревар од 1. коло од плеј-оф фазата од Женската лига триумфираа против Овче Поле СУ со 34:20. Тимот на Куманово на овој натпревар беше предводен од тренерот Славиша Димитријески, кој ја наследи тренерската функција, откако од клубот си замина Драгана Ристова.
Гостинскиот тим од Свети Николе парираше само во воведниот дел и издржа до 4:4. Куманово со серија од 4:0 се одлепи на 8:4, на полувреме замина со убедлива предност од 17:9 и го водеше натпреварот до сигурна победа.
Овче Поле на моменти парираше, но тоа не беше доволно за поблаг пораз, бидејќи домаќинките знаеја како да ги казнат грешките на неискусниот ривал, кој во вторите 30 минути заостануваше на сериозна негатива.
Најефикасна во победничката екипа беше Пена Граматова со 12 погодоци, додека осум реализации имаше ракометарката од Бразил, Андреза Алмеида.
Кај поразениот табор се истакна Јована Ангеловска со пет погодоци, по четири пати во листата на стрелци се запишаа Елена Вучевска, Наталија Манева и Стефанија Павловска.
Во второто коло тимот на Куманово ќе гостува во Автокоманда кај Металург. Овче Поле СУ за следен ривал го има амбициозниот Чаир.