Македонскиот вицепрвак Куманово денес отпатува во Швајцарија каде ќе ги одигра двата дуели против Херцогенбуше во рамки од втората рунда во Европскиот Куп.
Иако Куманово е аутсајдер во дуелот со Херцогенбуше, сепак, некогашниот шампион на Македонија има доволно квалитет за да покаже дека знае да игра и европски ракомет.
Тренерот на Куманово, Славиша Димитријески, ги сподели своите очекувања за европскиот предизвик на неговиот тим.
,,Очекувам да прикажеме пред се убава игра, со борба и желба на играчите да се докажуваат и да се види нашето ниво на игра и тренираност. Противникот е екипа, која оваа година појавува желба за европска афирмација, со неколку нови засилувања и тренер кој има добар статус во нивната лига и ракомет. Не доволно познати за нас како екипа, но со неколкуте анализи кои ги правевме, се работи за интересен колектив кој игра добар и брз ракомет”, изјави Димитријески.
Стратегот на Куманово истакнува дека би бил задоволен со борбена игра на неговите избранички. Дел од ракометарките на Куманово за првпат ќе настапат на европска сцена и ќе имаат можност да стекнат големо искуство.
,,Притисокот го оставаме на нив, тие играат дома и се желни да се покажат и докажат на европска сцена. За нас е мал проблем што нема да имаме повратен натпревар кој би го одиграле пред нашата публика, но такви се моменталните состојби и ситуации и се прилагодуваме на истите. Како што кажав на почетокот, задоволен ќе сум доколку моите ракометарки прикажат убав ракомет, со борбена игра, воедно и да се надградат и изградат како сериозни играчи, со што ќе знаеме јас и тренерот на голманите Сашо Божиновски дека сме на вистинскиот пат во тренажниот процес. Ова го кажувам, бидејќи за некои од нив е прв предизвик и искуство на европска сцена”, додаде Димитријески.
Голем хендикеп за Куманово ќе биде отсуството на искусната Габриела Величковска, која моментално се опоравува од повредата.
,,Амбициите секогаш се да целиме подобро и повисоко. Останува напорно да работиме за тие амбиции да ни се полесни за остварување. Во Швајцарија одиме без Габриела Величковска, таа е во фаза на опоравување и ќе остане во Македонија да одработува тренинзи и терапии, како побрзо се врати за останатиот дел од првенството. Се надевам дека тие играчи кои ќе патуваат, ќе дадат максимум и ќе се на нивото на задачата”, заврши Димитријески.
Првиот дуел меѓу Куманово и Херцогенбуше ќе се одигра утре, со почеток од 16:00 часот. На овој дуел Куманово ќе ја има улогата на домаќин. Реванш средбата е закажана за 24 септември во 16:00 часот.