Тренерот кој со екипата на Металург го победи моќниот Вардар во финалето од Купот на Македонија во 2019 година, Оливер Димитриоски, повторно му се враќа на машкиот ракомет и во следната сезона ќе го предводи прволигашот Македонија Ѓорче Петров.
Искусниот тренер, кој долги години работеше со младинските категории на Металург, но и со сениорскиот состав на тимот од Автокоманда, своето знаење и искуство ќе им го пренесе на ѓорчепетровци, кои во ланската сезона играа во плеј-аут фазата во прволигашкото друштво, откако не обезбедија пласман во плеј-оф групата.
Димитриоски во минатата сезона беше назначен за тренер на ЖРК Ѓорче Петров, но во македонскиот шампион не мина долго време и го напушти клубот кон средината на месец октомври.
Македонија Ѓорче Петров во новата сезона во Првата лига ќе биде дел од групата А заедно со Работнички, Мултиесенс, Кичево, Бисинов, Текстилец, Јехона, Шампион, Овче Поле и Младост Богданци.