Како што најави 24Ракомет вчера, поранешниот тренер на Металург, Оливер Димитриоски ќе биде предводник на прволигашот Македонија Ѓорче Петров во следната сезона. Раководството на клубот преку официјалната страна ја потврди соработката со искусниот тренер, кој поседува Мастер коуч лиценца.
Димитриоски долги години работеше во младинските категории во Металург, ја предводеше кадетската и младинска екипа на тимот од Автокоманда, беше тренер и на вториот и првиот тим на Металург, со кој во 2019 година го освои Купот на Македонија, откако во финалето, кое беше одиграно во Куманово, го совладаа моќниот состав на Вардар.
Во минатата сезона беше назначен за тренер на ЖРК Ѓорче Петров, но во македонскиот шампион не се задржа многу и го напушти клубот кон средината на месец октомври. Краток период во 2018 година беше на клупата на Прилеп и успеа прилепскиот тим да го спаси од испаѓање од суперлигашкото друштво.
,,Со раководството на Македонија Ѓорче Петров се договорив на едногодишна соработка. Амбициите на екипата, во која има голем простор за напредок, се едно скалило погоре од минатата сезона. Тоа не значи влез или борба за Супер лига, туку искористување на потенцијалот на екипата, враќање на публиката во Ѓорче Петров и подобри резултати на клубот во иднина. Не целиме за Супер лига, но ако ни се пружи шанса ќе се потрудиме да ја искористиме”, изјави Димитриоски за 24Ракомет.
Во стручниот штаб на Македонија Ѓорче Петров остануваат досегашните тренери Џеват Равмановски и Дејан Коцев. Македонија Ѓорче Петров во новата сезона во Првата лига ќе биде дел од групата А заедно со Работнички, Мултиесенс, Кичево, Бисинов, Текстилец, Јехона, Шампион, Овче Поле и Младост Богданци. Најдобрите пет екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф групата, додека останатите ќе играат во плеј-аут фазата.