Натпреварот од Асобал лигата меѓу Адемар Леон и Синфин Сантандер беше првиот во кој ракометарите на теренот беа со маски!
Тоа предизвика лавина реакции и критики во европската ракометна јавност, а меѓу оние што мораа да носат маска беше и македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски.
Велешанецот открива дека ова правило нема да важи на сите натпревари.
„Оваа одлука не беше донесена од раководството на Асобал лигата, туку од градските власти во областите Кастиља де Леон, бидејќи таму многу е зголемен бројот на позитивните случаи од Ковид-19“, вели Димитриевски за 24Ракомет.
Не е пријатно да се носат маски и без некаква активност, а уште помалку е пријатно за ракометарите на теренот.
„Да се игра со маски е катастрофално, бидејќи маската може да биде устата и носот помалку од пет минути, потоа нонстоп паѓа и треба да се концентрираш на местење. Не е возможно да се игра со маска. Штети на дишењето и на комуникацијата со соиграчите“, продолжува Димитриевски.
Тој неодамна стана татко и покрај ракометот, сега има и друга преокупација. Во областа Сантандер нема многу зголемен број на случаи.
„Во зоната каде што сум јас со моето семејство сега за сега е добро и нема многу зголемен број на позитивни случаи. Се надевам дека што побрзо ќе се намали или ќе заврши ова и ќе се нормализира ситуацијата насекаде“, заврши Димитриевски.