Екипата на Синфин Сантандер на македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски во заостанат натпревар од 13. коло во шпанската Асобал лига на домашен терен одигра нерешено со Бенидорм 32:32.
Димитриевски имаше уште еден добар настап за неговиот клуб, тој натпреварот го заврши со шест погодоци од осум обиди, а заработи и едно исклучување од две минути во завршните минути од мечот.
Синфин беше во водство во текот на целиот натпревар, во првиот дел имаше највисоки четири гола, 14:10, но на полувреме беше 18:16. И во продолжението домашниот тим го контролираше резултатот до последните моменти кога Никчевиќ погоди во последната секунда за реми и поделба на бодовите.
Во последните четири натпревари Синфин трипати одигра нерешено и забележа една победа со што избега од опасната зона. Екипата на Димитриевски останува на 12. позиција со 13 бода. Во следното коло Синфин гостува кај Нава.