Репрезентација на Русија, во која играат петмина ракометари од европскиот шампион Вардар, забележа пораз на стартот од Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка.
Избраниците на Едуард Кокшаров загубија од Унгарија со 26-25. Во првиот дел се играше најчесто гол за гол, а на пауза Унгарците заминаа со гол предност, 14-13. Во второто полувреме предводена од Балог, Унгарија стигна и до плус четири, 24-20, а остануваа да се одиграат уште десетина минути.
Но Русите не се предаваа и со серија од четири голови по ред, израмнија на 25-25. Балог донесе водство со 26-25, а потоа Миклер го одбрани шутот на Атман. Сепак и Киреев беше успешен на спротивната страна, па „зборнаја“ доби шанса за реми.
Тимур Дибиров имаше добра позиција, но не погоди и победата остана за Унгарците.