Eден од најискусните ракометари во редовите на Вардар, Тимур Дибиров на средбата против Металург успеа да постигне два гола, но имаше стандарден придонес кога ќе се погледне севкупниот впечаток за играта.
После натпреварот потврди дека секој дуел со Металург никогаш не е лесен и дека секогаш кога се работи за средба против ривалот од Автокоманда, секогаш има надигрување.
„Натпреварите со Металург се секогаш дерби. Кога се игра полуфинале и финале никогаш не е лесно. Можеби делува дека беше лесно, но моравме добро да се потрудиме. Важно е дека успеавме да дојдеме до победа“, изјави Дибиров.
Тој потврди дека во последните денови подготвувале акции за средбата против Металург и дека биле подготвени.
„Работевме неделава за она што не очекуваше со Металург и се подготвувавме за овој натпревар. Некои работи добро функционираа. Имаше моменти на нервоза бидејќи се работи за полуфинале во Купот на Македонија и градско дерби така што на крајот сè е добро“, коментираше Дибиров после обезбедениот пласман во финалето.
Во натпреварот за трофејот кој ќе се одигра в сабота, тимот на Вардар ќе игра против подобриот од средбата меѓу Еурофар Пелистер и Бутел Скопје.