На годинешната завршница од Купот на Македонија, „црвено-црните“ влегуваат како главни фаворити за одбрана на титулата, но за да дојдат до зацртаната цел, ќе треба да триумфираат против Еурофарм Пелистер 2 во полуфиналето, а потоа да имаат успешен настап во финалниот натпревар, во кој се очекува како противник да го имаат тимот на Жељко Бабиќ.
Како ќе одиграат вардарци, во голема мера ќе зависи од расположението на Тимур Дибиров. За искусното лево крило овој Ф4 турнир во Купот на Македонија ќе биде можност да игра по осми пат во финалето, и да се бори за седма куп титула.
За утрешниот полуфинален натпревар против Еурофарм Пелистер 2, кој се се одигра со почеток од 17:00 часот во спортската сала „Јасмин“, Дибиров истакнува дека со неговите соиграчи ќе дадат 100% од силите за да се пласират во финалето и да ја одбранат титулата.
„Нормално дека купот секогаш е посебна приказна, и на секој меч може да се случи се. Да заборавиме се што било претходно и што треба да се случи во иднина. Да бидеме сконцентрирани само на овој викенд, да дадеме 100 отсто. Нема разлика против кого играме и ќе играме, ние треба да работиме според она што сме го замислиле. Малку време е нешто да се менува, и ние и нашиот ривал. Ќе биде исто, освен некои нијанси што сигурно ќе бидат кај двата тима. Но комплетната слика ќе биде иста, и тешко е да се изнанади ривалот кој те знае и ти го знаеш. Супер е што се игра во Кавадарци, треба луѓето да гледаат добри натпревари, да гледаат големи клубови и добри екипи. Ги почитувам сите екипи, и сакам прво да го победиме Еурофарм Пелистер 2, па потоа ќе мислиме како и што понатаму“, изјави Дибиров.
Домаќин на завршницата во Купот во машка и женска конкуренција за оваа година е Кавадарци, односно спортска сала „Јасмин“. Полуфиналните натпревари кај мажите ќе се одиграат утре, додека финалето е закажано за в недела.