Рускиот интернационалец Тимур Дибиров веќе деветта година го носи дресот на Вардар и стана легенда на „црвено-црниот“ тим.
Тој е задоволен од поддршката на македонската јавност и од лојалноста на вардаровите навивачите, но вели дека како во Русија, така и во Македонија, сите се компетентни и можат да коментираат за спорт, музика, политика…
„Во однос на мене, јас секогаш ја чувствувам поддршката од македонската јавност, независно дали ќе одиграм добро или лошо. Сепак има критериуми. Кога Фабио Капело беше селектор на фудбалската репрезентација на Русија, кажа дека 153 милиони селектори има во земјата. Така е секаде, па и во Македонија. Секогаш ние се разбираме во сите области, дали било спорт, политика, музика…Сите знаеме да кажеме, види го нема врска. Од друга страна подобро е да бидеме такви, отколку ладни како скандинавците“, вели Дибиров за „Голден Карпет“.
Летечкото лево крило за првпат во кариерата соработува со Веселин Вујовиќ и вели дека позитивно е изненаден.
„Со Вујо мислев дека ќе биде полошо. Јас слушав за него многу приказни, каков човек е, каков темперамент, а веројатно и тој за мене, бидејќи ниту јас не сум лесен за соработка. Многу сум нервозен, понекогаш знаат емоциите да излезат кога не треба. Јас му кажав и тој ми кажа мене дека сме имале поинакви мислења и се уверивме во спротивното. Кај мажите најмногу ги ценам посветеноста и чесноста. Од тој аспект многу ми се допаѓа Вујо. Тој е многу директен, кај него нема дипломатски, лево десно, тоа што не му се допаѓа веднаш ти го кажува“, откри Дибиров за „Голден Карпет“.