Вардар губи со 13:16 после 30 минути игра во Алборг, но има игра со која може да се надева на позитивен епилог на крајот од средбата. Во првите 30 минути имаше надигрување, а нијанси пресудија кој ќе има водство на одморот меѓу двете полувремиња.
Од почетокот на средбата Алборг тргна во силно темпо. Се играше брзо и лесно се доаѓаше до позиција за шут така што за 50 секунди беа обезбедени 2:0. Во 3. минута беше и 3:0 и мораше да се консолидираат редовите на вардарци. Домашните диктираа темпо, но Вардар знаеше како треба за да дојде до враќање во средбата.
Дибиров се разигра и лесно казнуваше. Тоа го врати Вардар во натпреварот, а при 6:3 во 8. минута следуваше одлична игра и две минути перфекција од „црвено-црните“ за 6:6. Дури четири од овие голови беа дело на Дибиров така што дојде интересен период во средбата.
Почна надигрување во кое следуваше постојано менување на ритамот. Вардар очигледно ја имаше прифатено играта на Алборг и ракометарите се растрчаа, па следуваа и минути без голови, но и тоа беше распоредено рамномерно така што силите беа израмнети.
Алборг повторно имаше плус два при 10:8 и 11:9, но во 22. минута дојде одново до 11:11 така што беше јасно дека тука ќе има голема борба до крајот од натпреварот.
Во завршните моменти од првиот дел како да попушти концентрацијата. Неколку акции во нападот не беа завршени како што треба, па дојде до промашувања после кои Алборг дојде до 15:12. Сепак, Дибиров лесно реализираше, па брзо намали со својот деветти погодок. Меѓутоа во последните секунди Алборг дојде до нов гол за 16:13 на одмор.
Дибиров е најефикасен во првите 30 минути со девет гола, Куни Моралес има три, а Дијало еден гол кај Вардар. Во Алборг Палмарсон и Клар се најпрецизни со по три погодоци.