Вардар оствари голема победа на гостувањето кај Еурофарм Пелистер од 23:26 и ја надомести негативата која ја имаше зад битолскиот тим во плеј-офот од Супер лигата.
Тимур Дибиров истакна дека оваа победа и првенството им се многу важни и освен победа на терен друго ништо не го интересира Вардар.
„Првенството е долго, тоа не е еден натпревар или само плеј-офот. Тука се познаваат победниците кои знаат како се победува. Благодарност и до тимот на Еурофарм Пелистер затоа што беа многу добар ривал, но за да не победат веројатно треба малку повеќе. Денеска бевме како една целина, оваа првенство е многу важно за нас и го чувствувам како прво. Поминавме низ многу потешкотии но Вардар единственото што го сака е да победи на терен и не нè интересира ништо надвор од него“, рече Тимур.
Дибиров се осврна и на атмосферата во салата и е претпазлив пред преостанатите натпревари од сезоната.
„Кога играте дерби секогаш е тешко, сепак потешко беше тука да се игра. Морам да признаам атмосферата беше феноменална исто како и во Скопје. Мора да знаете да играте под притисок и не сите успеваат во тоа. Претпазлив сум, мора да бидеме концентрирани и да имаме сигурна завршница на првенството“, продолжи Дибиров.
Вардар сега е во предност пред Еурофарм Пелистер и доколку победи на останатите натпревари ќе ја одбрани титулата шампион на Македонија.