Дејвис: Ќе работиме напорно за нашите навивачи да ги израдуваме со титула!

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер започна со официјална промоција на новите засилувања за следната сезона. По промоцијата на голманот Урбан Лесјак, денес раководството на клубот го промовираше и искусниот репрезентативец од Португалија, Вилсон Дејвис, кој во редовите на битолскиот тим пристигна од француски Иври.

Португалецот на официјалната промоција истакна дека примамлива била понудата да дојде во Битола, откако во разговор со неговиот менаџер биле претставени плановите на Еурофарм Пелистер за новата сезона.

,,Шансата да дојдам тука ми ја понуди мојот менаџер кој ми кажуваше за идејата на клубот да конструира силен тим за да ги освои домашните титули. Тоа ме заинтересира многу и не беше тешко да се одлучам да потпишам за овој клуб. За мене е задоволство и голем предизвик што сум во Еурофарм Пелистер. Клубот има големи амбиции, сака да освојува титули, да биде градот среќен, бидејќи 18 години е без титула. Веќе нестрпливо сакам да играм и да освојувам трофеи пред нашите навивачи. Имаме искусна екипа и млади момци, но генерално многу квалитет има во оваа екипа”, изјави Дејвис.

Искусниот ракометар, кој игра на позиција среден бек е подготвен за борбата со неговиот нов клуб. Португалецот веќе е свесен дека Битола живее за ракометот и дека неговиот тим има шанса да ја освои титулата во домашниот шампионат.

,,Добивме скандинавски тренер, со свои идеи за атрактивен ракомет. Се трча многу и се бара многу напади, но и силна одбрана, каква што е неопходна. Првите импресии ми се одлични, сите напорно работат и градиме нешто за да биде подобро. Немав можност многу да го видам градот, но кога излегов воочив дека луѓето ме препознаваат, го знаат ракометот. На пример пред некој ден ми пријде еден човек и ми рече: „Оваа година ја сакаме титулата“. Ќе работиме како овој човек и сите навивачи да ги задоволиме. Спремен сум на тој притисок, веќе ми кажуваа за Битола и би била голема радост да ја донесеме титулата во градот. Играв во Порто и можам да ви кажам дека ривалството со екипите од Лисабон, посебно со Бенфика, е големо. Ова ривалство меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 може да се споредува со тоа. Го видов тоа и од видео снимките од минатата сезона”, заврши Дејвис.

Во својата кариера, освен за екипата на Иври, Дејвис настапуваше и за Нант, Сесон Рен и Данкерк, Спортинг, Ковадонга и Порто.