Шпанскиот тренер Давид Дејвис Камара по две сезони поминати во Веспрем се врати во Вардар откако го прифати предизвикот и седна на клупата на двократниот европски шампион.
Во изјава за сајтот на ЕХФ, Дејвис вели дека отказот од Веспрем се случил во незгодно време, но одморот бил добредојден.
„Тоа беше најлошиот момент да се изгуби работата, бидејќи во тоа време сите клубови имаа тренери. Затоа морав да чекам, но времето поминато со моето семејство ми помогна да ги наполнам батериите.“
По седум последователни порази во Лигата на шампионите, Вардар се раздели со Веселин Вујовиќ и беше во потрага по нов предводник, а изборот падна на Давид Дејвис.
„Пет, шест врвни тренери се најдоа на списокот на Вардар и претпоставувам, мојата најголема предност беше што го познавам клубот, го знам градот, го зборувам нивниот јазик. И знам да започнам мисија од нула, и да почнам повторно со тим на сред сезона. Многу сум среќен што се вратив во Вардар. Немав многу време да ги спроведам моите идеи, но по зимската пауза сите играчи беа физички подготвени,па може да се каже дека имавме добар почеток.
Вардар го очекува дуел со Загреб кој е во одлична серија од седум победи и ќе се обиде во ист стил да продолжи и во Скопје. Дејвис вели дека нема откажување и се додека постојат шанси, вардарци ќе се борат.
„Никој друг нема да ја заврши нашата работа, ние треба да работиме сами.Не можеме да се потпреме на помошта од некој друг.Се додека имаме математичка шанса, ќе се бориме“, изјави тренерот на Вардар, Давид Дејвис.
Натпреварот со Загреб е на програмата во среда со почеток од 20:45 во СЦ ,Јане Сандански”. По триумфот на гостувањето против Монпелје, “црвено-црните” ќе атакуваат на нови три бода со кои ќе се зголемат шансите за пласман во елиминациската рунда од елитното натпреварување.