Дејвис има нов помошник: Легендарен хрватски голман ќе ги тренира голманите на Вардар

Новиот тренер на Вардар, Давид Дејвис почна со формирањето на стручниот штаб, а во продолжението од сезоната тимот ќе има нов тренер на голманите и тоа ќе биде ден од најдобрите голмани на сите времиња во Хрватска, Венио Лосерт.

Стратегот кој има 45 години во моментов е тренер на голманите во репрезентацијата на Египет, каде што соработува со поранешниот тренер на Вардар, Роберто Парондо. Претходно беше дел и од стручниот штаб на Дејвис, додека беше селектор на Египет, па двајцата добро се познаваат.

„Доаѓам во Вардар и секако дека тоа е еден нов предизвик за мене. Кога работиш со клуб треба да се грижиш голманите да бидат постојано во форма и да нема  осцилации. Со репрезентација се работи за одржување и подобрување на формата за пократок период. Кога Дејвис се договори со Вардар ме праша дали сум заинтересиран да му помогнам. Од Египет дозволија, и ете сум во Вардар. Го следев Вардар во ЛШ, и можам да кажам дека има добри и квалитетни голмани. Ќе се обидам да помогнам, да бидат уште подобри и поконстантни. Верувам ќе имаме добри резултати“, вели Венио Лосерт.

Досега Лосерт има работено со голманите во тимот на Веспрем во 2016 година, како и со голманите на младинските селекции на Хрватска и на сениорската репрезентација. Како играч настапуваше за Загреб, Сарагоса, Тека Сантандер, Грањолерс, Портланд Сан Антонио, Кангас, Барселона, Кретеј, Адемар Леон, Копенхаген, Кјелце и Монпелје.  Има четири финалиња во Кеш со Загреб, а со Келце играше на првиот Ф4 турнир во Келн.

Инаку, досегашниот тренер на голманите на Вардар, Александар Рогановиќ си заминува поради здравствени причини.