Откако се одиграа 34 кола во Бундес лигата, беше време за сумирање на резултати и прогласување на најдобрите оваа сезона.
Најдобар голман во Бундес лигата втора година по ред е некогашниот чувар на мрежата на Вардар, Дејан Милосављев.
Членот на Фуксе Берлин успеа да одбрани дури 368 удари на противниците на 34 меча, додека по него следуваат Семиш, Мелер, Ландин и Битер.
Најдобар стрелец во Бундес лигата е ветеранот Ханс Линдберг, кој на 42 години даде 242 гола на 34 меча. По него следуваат Магнусон од Магдебург со 237, Елисон од Лемго со 234, па Мортенсен и Екберг.
Од македонските играчи – Филип Кузмановски постигна 94 погодоци што беше доволно за 56 место, Жарко Пешевски беше стрелец на 80, додека Филип Миркуловски, кој не играше многу оваа сезона даде 15 гола.
Најдобар асистент е шведскиот ас Џим Готфридсон, кој на 34 натпревари подели 149 асистенции до соиграчите. До петтото место следуваат Јепсон, Магнусон, Ларсен и Карлсбогард.