Ракометарките на Деспина со минимална победа се враќаат од гостувањето во Илинден кај Кузман Вардар со 23-24 во натпревар од 9. коло во Женската лига.
Прилепчанки губеа со 22-20 во финишот на мечот, но направија пресврт со три погодоци за 22-23. Домаќинките преку Блажевска израмнија на 23-23.
Сепак повеќе нерви и концентрација во последните две минути имаа избраничките на Страшо Илиески. Крстевска го постигна голот за 23-24, а тој на крајот ќе се покаже како решавачки.
До крајот и домаќинките имаа шанса да постигнат погодок, но не успеаја во намерата. Најдобри стрелци кај победникот беа Крстевска со седум и Филипоска со шест голови, додека Блажевска погоди 12 пати за Кузман Вардар.