Екипата на Деспина, откако во првото коло од плеј-аут фазата од Женската лига беше поразена од Скопје, денес на свој терен триумфираше убедливо против Гевгелија со 11 гола разлика, 26:15.
Иако домашниот тим настапи со само 10 ракометарки, сепак, успеа да го надигра ривалот од Гевгелија, кој целосно потфрли во вториот дел постигнувајќи само седум погодоци.
Гевгелија беше рамноправна само на почетокот од дуелот кога на двапати беше во водство со 2:1 и 3:2. Прилепчанки со серија од 3:0 поведоа со 5:3 и веќе во првиот дел ја најавија победата.
На полувреме предноста на Деспина изнесуваше 13:8, додека второто полувреме беше само рутина, во која домаќинките не се опуштија во ниту еден дел, направија поголема разлика и прославија убедлив триумф.
Најефикасни во победничката екипа беа Ангела Камческа со осум и Маја Ристеска со шест погодоци. Кај Гевгелија се истакна поранешната репрезентативка на Македонија, Ленче Илкова, имаше пет реализации.