Ракометарките на Деспина од Прилеп се елиминирани уште по првиот натпрвар од второто коло во Европскиот Куп, откако загубија од шведската екипа Скара со убедливи 27 погодоци разлика, 37-10.
Беше 1-1 само на стартот, потоа се беше во знакот на скандинавскиот тим. Поведоа домашните со 9-1 и стана јасно кој е кој. Во првиот дел погодија уште Камческа, Бечирхоџиќ и Цаневска за 4-17.
Во второто полувреме огромен број на технички грешки за македонскиот претставник, кои лесно беа казнувани од Скара со брзи погодоци од контри. Прилепчанки постигнаа шест гола во второт дел за конечни 37-10.
Најдобри стрелци во шведскиот тим беа Сундхолм со седум и Фелбер со шест гола, додека кај Деспина се истакна Цветкоска со четири погодоци. Реваншот, кој ќе биде формалност е утре од 14:00 часот на истото место.