Машката репрезентација на Македонија вечерва ќе го стартува седмото учество на Светските шампионати, или петто по ред. По 1999, 2009, 2013, 2015, 2017 и 2019, Македонија ќе биде дел и од СП 2021 во Египет.
Прв ривал на подмладената репрезентација ќе биде селекцијата на Шведска, која исто така имаше големи проблеми при формирањето на ростерот за Мундијалот. Селекторот Глен Солберг нема да располагање голем број на првотимци, но и покрај тоа останува фаворит против нашата селекција.
Што поради повреди, што поради ковид причини, за Шведска нема да играат Никлас Екберг, Јеспер Нилсен, Лукас Нилсон, Андреас Нилсон, Албин Лагергрен, Андреас Линдског…Кога ќе се погледне актуелниот ростер на Шведска, тогаш јасно е дека најголемата опасност доаѓа од бекот на Фленсбург, Џим Готфридсон, а изненадување би можел да биде бекот на Алборг, Лукас Сандел.
Против скандинавската селекција, Македонија има одиграно три средби, од кои две се официјални. Во 2012 година, на ЕП во Србија, Шведска и Македонија ги поделија бодовите, 26-26, а истата година на олимписките квалификации во Гетеборг загубивме со 27-23. Првата меѓусебна е на пријателски турнир во Хрватска во 1998 година, каде што Шведска победи со 28-17.
Во македонскиот состав недостигаат неколку стандардни првотимици – Борко Ристовски, Дејан Манасков, Гоце Георгиевски…но тука се Стојанче Стоилов и Кире Лазаров. Може да се каже дека имаме комбинација на младост и искуство. Селекторот Брестовац имаше можност против Чиле да види како функционираат некои од новите играчи во составот, па веројатно знае на кого ќе може да смета помалку, а на кого повеќе на СП.
Натпреварот меѓу Македонија и Шведска се игра вечерва од 20:30 часот.