Поранешниот шампион Куманово во натпревар од 5. коло од плеј-оф фазата во Женската лига славеше на гостувањето во Свети Николе кај Овче Поле СУ со 32:20.
Куманово со новите освоени бодови останува во игра за второто место на табелата, на кое моментално се наоѓа тимот на Чаир со 24 бодови. Ракометарките на Куманово имаат 22 бодови, потоа следуваат Металург и Вардар со по 19.
На денешниот дуел во Свети Николе гостинките излегоа со мотивиран состав и уште на стартот ја оправдаа фаворитската улога, поведоа со 5:1. До крајот на полувремето, кое заврши во корист за ракометарките на Куманово од 17:13, немаше поголема промена на резултатот.
Овче Поле СУ си ја проба силата против екс првакот на Македонија, но цврстата одбрана на Куманово не дозволи домаќинките да ги покажат своите квалитети. Во продолжението дојде до израз квалитетот на Куманово, кој рутински ги одработи последните 20 минути.
Предводник во победничката екипа беше интернационалката од Бразил, Андреза Алмеида, со десет погодоци. Два гола помалку од Алмеида имаше Пена Граматова.