Лидерот во плеј-аут групата во Женската лига, Овче Поле СУ, на гостувањето во Битола кај Феникс забележа победа од 24:29, во натпревар од 12.коло.
Ракометарките на Овче Поле СУ во текот на целиот натпревар беа во водство, имаа одличен почеток кога отворија со 0:6 и во останатиот дел од дуелот лесно се справуваа против домашниот состав, кој во ниту еден момент не успеа да дојде до израмнување на резултатот.
Вучевска, Сентовска, Манева и Конева, беа ракометарките кои ја зголемуваа резултатската предност на својата екипа. Феникс веќе капитулираше во првото полувреме дозволувајќи им на гостинките од Свети Николе да заминат со убедливо водство од 10:16 на пауза.
Ракометарките на Овче Поле СУ продолжија со сигурната игра во второто полувреме и во ниту еден момент не дозволија опуштање во своите редови. Феникс во завршниот дел ја подобри играта, намали на минус три, 23:26, но не успеа во целост да направи пресврт.
Најефикасни во победничката екипа беа Елена Вучевска со девет и Анастасија Сентовска со осум погодоци. Во редовите на Феникс, прв стрелец беше репрезентативката на Македонија, Емилијана Ризоска со десет гола.