Денеска и утре ќе се одиграат осумте натпревари од 5 коло во Суперлигата, а најинтересно се очекува да биде во Кавадарци и во Охрид.
Кај Тиквеш во дербито гостува составот на Пролет. Кавадарчани фаќаат ритам и забележаа три победи во серија по поразот од Еурофарм Пелистер 2 во првото коло. Пролет нема пораз, но има еден мал кикс, откако не успеа да победи кај Радовиш.
Охриѓани се наострени за двобојот со македонскиот шампион Вардар, кој е единствен тим што освои досега максимален број на бодови. „Црвено-црните“ досега немаат загубено во пресметките со Охрид, но домаќините сигурно нема да бидат лесен залак.
Прилеп и Вардар Неготино ќе бркаат прва победа сезонава во меѓусебниот дуел, додека Алкалоид ќе бара камбек на победнички патеки на дуелот со незгодната Струга, која игра солидно на стартот на сезоната.
Бутелци меѓу двете европски пресметки го пречекуваат Куманово во потрага по четвртата победа, а Еурофарм Пелистер е голем фаворит на гостувањето во Кисела Вода кај Јуниор и се освен победа на битолчани ќе биде сензација.
Радовишани на домашен терен покажаа дека може да бидат опасни, но и Голден Арт ќе ја бара својата шанса, па се очекува и во „25 мај“ да има возбудувања. Еурофарм Пелистер 2 ќе бара нов три бода и ќе биде фаворит на дуелот со Скопје.
Суперлига, 5 коло, распоред на натпревари:
група А
Прилеп – Вардар Неготино, денеска, 13:00 часот
Бутел Скопје – Куманово, денеска, 18:00 часот
Охрид – Вардар, денеска, 19:30 часот
Алкалоид – Струга, недела, 17:00 часот
група Б
Јуниор КВ – Еурофарм Пелистер, денеска, 18:00 часот
Тиквеш – Пролет, денеска, 18:00 часот
Радовиш – Голден Арт, денеска, 18:00 часот
Еурофарм Пелистер 2 – Скопје, недела, 17:00 часот