Голден Арт со победа на домашен терен во „Јане Сандански“ против Куманово го затвори 10. коло во плеј-аут фазата на македонската лига. Во натпревар од големо значење во битката за престиж и освојување на врвот на табелата кај „отпишаните“ во плеј-аут фазата Голден Арт покажа зрелост во клучните моменти во финишот на дуелот и успеа да го врати моментумот кој го имаше кон крајот на првиот дел за конечна победа од 28-26.
Во финишот на првиот дел домаќинот имаше предност од „плус четири“, на крајот на полувремето замина со резултат 15-12, а по шеесет одиграни минути на семафорот останаа запишани конечните 28-26. Голден Арт го контролираше темпото и резултатот во првиот дел, но наместо сигурно да зачекори и во втората половина, дозволи противникот комплетно да се врати во игра, па во средина на вториот дел и да поведе. Затоа крајот на дуелот му припадна на Голден Арт. Беше повеќе фокусиран, подобро одигра во одбраната, исокрсти неколку одбрани на голманот Виларов и ја врати високата разлика од првиот дел, за конечна победа од 28-26.
Голден Арт од самиот почеток ја презема контролата над резултатот, па по воведните 1-0 за гостите од Куманово возвратија со серија од три погодоци за 3-1. Разликата од три голови се одржуваше во текот на целото полувреме, гостите се доближија најмногу до „минус еден“ (8-7) на средина на првиот дел, а во финишот на триесетте минути Голден Арт дојде и до највисоки „плус четири“ (13-9). На пауза двете екипи заминаа со разлика од три голови во корист на домаќините и резултат 15-12.
На Куманово му беа потребни 10 минути во вториот дел да го изедначи резултатот, а 18-18 беше знак за првиот тајм аут за Голден Арт во вториот дел. Но советите на Глигоров не вродија со плод, па во 42 минута Ѓурашковиќ од пенал линијата го врати Куманово во водство од 20-19, прво по воведните 1-0. На „плус два“ зголеми гостинскиот голман Кимевски со прецизен удар преку целиот терен, a по уште еден непрецизен удар на домашниот напад, Куманово преку Ѓурашковиќ од пенал линијата дојде и до највисоките „плус три“. Но ниту гостите не успеаа да ја задржат предноста долго, Голден Арт до 48. минута комплетно се врати во игра, го изедначи резултатот на 22-22, а по одбраната на голманот Виларов имаа и напад за враќање во водство. Првата шанса не ја искостистија, но затоа во втората по добро одиграната одбрана и украдената топка од контра-напад Јанковски им донесе нова позитива на домаќините.
Во резултатската нишалка и возбудлива завршница, секој промашен обид или одбрана ги менуваше шансите на едната или другата екипа за победа. Христоски во 53 минута ја врати предноста од плус два за Голден Арт откако беше прецизен од седум метри, а во период кога Куманово имаше исклучен играч, грешка во нападот ги чинеше удар на празен гол и предност за домаќините од три гола 26-23, 54. минута. Клучен во финишот на натпреварот беше голманот Виларов кој одбрани неколку значајни обиди на гостите. На пет минути до крајот Голден Арт ја врати највисоката предност од четири голови, разлика со која можеа да влезат во мирна завршница. По шеесет одиграни минути Голден Арт прослави победа над Куманово од 28-26.
Милошевски, Гошевски и Илиев постигнаа по 5 голови во победничката екипа, додека најпрецизен на теренот беше Ѓурашковиќ со 8 голови пред Бечајец кој постигна 5 погодоци за Куманово.
Голден Арт со овие бодови останува лидер на табелата во плеј аут фазата со 4 бодови повеќе од Куманово.