Дербито во Унгарија без победник – Миклер го запре Веспрем во последната минута

Ракометарите на Веспрем и ПИК Сегед одиграа вистински дерби натпревар, неизвесен од почеток до крај во 8. коло од првенството на Унгарија, а после голема борба на теренот натпреварот заврши без победник 26:26.

Првото полувреме беше максимално израмнето, а Веспрем прво отвори со водство од 3:1. Сепак, следуваше брз одговор од ПИК Сегед, кој веднаш израмни. Екипите неолкупати го менуваа водството, но тоа беше најчесто еден или два гола. Во 15. минута ПИК Сегед имаше два позитива со головите на Шоштариќ и Фримел.

До крајот на првото полувреме ПИК Сегед остана без важен играч во одбраната откако Ник Хенигман заработи црвен картон за еден старт врз Лекаи. Во финишот на првите 30 минути со головите од контра на Штрлек и Македа обезбеди преност на паузата од 16:15.

Веспрем имаше добро отворање на вториот дел и во првите десетина минути стигна до предност од 20:16. Тренерот на ПИК Сегед, Карлос Пастор повика тајм-аут во 40. минута и се обиде да ја прекине добрата игра на Веспрем. Сепак, не се смени ништо и Веспрем продолжи да го контролира резултатот.

Во 47. минута Соареш изнуди седмерец и исклучување за Нилсен, а потоа Шоштариќ реализираше за минус еден на ПИК Сегед. Предноста од играч повеќе ја искористија гостинските играчи и во 49. минута повторно беше нерешено.

И во последните пет минути се влезе со израмнет резултат, 24:24. Маргуч погоди за 25:24 а потоа Цупара му одбрани седмерец на Шоштариќ и го приближи својот тим кон победата. Нилсен погоди за 26:24 на две минути до крај и Веспрем беше на чекор до триумф.

Лауге стартуваше остро над Банхиди, а судиите по вторпат мораа да гледаат видео повторување, а после ова донесоа иста одлука за директен црвен картон за играчот на Веспрем. Фримел реализираше од седмерец, во следната акција Миклер одбрани, а на десет секунди до крај Соареш израмни на 26:26. Во последниот напад Ненадиќ шутираше од голема далечина, но Миклер лесно одбрани за реми.

Најефикасни со по пет гола во тимот на Веспрем беа Штрлек и Маргуч, а Цупара беше одличен со осум интервенции во вториот дел. Себастијан Фримел со осум гола беше прв стрелец на дербито, додека Соареш постигна шест гола.