Екипата на Струга дојде до победа од 28:23 на гостувањето во Скопје против КЛ 7 и на тој начин се избори за три бода кои веројатно ќе значат и плеј-оф. Ова беше клучен натпревар за третата позиција во групата, а Струга го реши овој дуел со контрола од првата до последната минута така што на крајот бодовите одат за гостинскиот состав.
Од стартот на средбата се виде дека екипата на Струга е дојдена во Скопје по бодови. Со новиот ракометар во тимот, Ракоција имаше повеќе избор во бековската линија. Стружани тргнаа во водство од почеток. Домашните израмнија на 1:1, а потоа имаа и 3:3, но тука како малку да го загубија чекорот.
КЛ 7 остана близу до Струга, но постојано беше 2-3 гола разлика за гостинскиот состав. Голманот Јовановски на моменти успеваше да биде играчот кој создава разлика на теренот и тоа влијаеше на резултатот. Ракометарите на КЛ 7 се трудеа брзо да дојде до позиција за шут, а брзата игра ги водеше и до грешки, па до крајот на првиот дел имаа негатива и од пет гола. На одмор беше 8:13.
Предноста од првиот дел гостите знаеја како да ја зачуваат и да останат во плус од пет гола. Иако играчите на КЛ 7 се обидоа да намалат во првите минути од второто полувреме не можеше да се доближат и да влезат во понеизвесна завршница.
На средина од вториот дел имаа негатива од три гола, 17:20, но тоа беше сè. Гостите знаеја да се вратат во потребниот ритам и одново да дојдат до плус пет. Во 53. минута Струга одново имаше плус пет и водеше со 25:20 и тука практично заврши сè. На ова се надоврза и голманот Јовановски кој имаше двоцифрен број на интервенции со што беше еден од оние кои имаа голем придонес во победата на тимот на Струга.
КЛ7 – Струга
Оваа победа за стружани веројатно ќе биде и сосема доволна за пласман во плеј-офот, а со тоа и за директен опстанок додека КЛ 7 иако игра одлично во последниот месец, сепак, ќе мора во плеј-аут лигата каде што ќе има голема борба напролет.