Репрезентациите на Словенија и Русија одиграа максимално интересен натпревар на стартот на новиот ден на Светското првенство во ракомет каде што беа поделени бодовите после ремито од 26:26.
Максимално беа возбудливи последните минути во кои и двете селекции можеа до победа. Имаше и грешки и убави акции. Ана Грос беше стрелец на водечкиот гол за 26:25, но после тајм-аутот, Јулија Маркова реализираше за реми од 26:26.
Илина со седум гола, Михаличенко и Манагарова со по пет беа најефикасни во составот на Русија. Тјаша Станко беше најефикасна во Словенија со седум погодоци, додека Грос и Љепоја имаа по четири.
Холандија и Романија имаа речиси идентична завршница, но Холанѓанките беа поуспешни бидејќи погодија за победа од 31:30. При 29:27, следуваа два гола од Романките и потоа одеше наизменично. Холандија поведе, Романија израмни, но Холанѓанките беа тие што дадоа гол за победа.
Прв стрелец во редовите на победничката селекција беше Ван Ветеринг со шест гола, додека ист број на погодоци во Романија имаа Ласло и пинтеа.
На првиот денешен натпревар од Президент купот составот на Ангола беше убедлив против Камерун и забележа победа од 35:24.