1 Јуни беше последниот ден кога националните федерации можеа да пријават преставниците во најелитното европско натпреварување. Ракометната федерација на Македонија достави пријави до ЕХФ за три македонски тима, два кај мажите – Вардар и Еурофарм Пелистер, како и Куманово во женска конкуренција.
Денеска е последниот ден, кога трите клуба треба да ги испратат сите пополнети документи со пријавата до Европската ракометна федерација. Согласно клупскиот рејтинг на Македонија во машка конкуренција, Вардар добива директно место во групите од Лигата на шампионите, додека за Еурофарм Пелистер се бара вајлд-карта.
Во женска конкуренција Куманово е во специфицична ситуација. Со оглед на тоа што РФМ реши да важат ланските резултати за Европа, Куманово е пријавен во ЛШ како вицепрвак, со оглед на тоа што Металург како шампион се откажа, па нејасно како ЕХФ ќе се однесува по ова прашање и дали кумановки ќе го добијат директното место во групи што и следува според рејтингот на Македонија во женска конкуренција.
По собирањето и разгледувањето на сите пријави и документации, ЕХФ до крајот на оваа седмица би требало да ги објави сите пријавени клубови, а откако ќе заседава Извршниот Комитет ќе бидат објавени и тие што добиле место во најелитното европско натпреварување.
Ждрепката ќе се одржи на 1 јули.