Некогашната ракометарка на Вардар, Камила Херем, постави нов рекорд кога се во прашање настапите на големите натпреварувања во женска конкуренција.
Светското првенство во Шпанија, на кое Норвешка е прв фаворит за титулата, ќе биде за неа 17-то големо натпреварување на кое настапува по ред.
Повеќе од неа има голманката Катрине Лунде, вкупно 20 настапи на ЕП, СП и ОИ, но 14 пати по ред. Каролин Бреиванг и Лин Кристин Ригелут, уште две норвешки легенди, имаат по 13 настапи по ред на големите натпреварувања.
Низата на Херем почна на Европското првенство во Македонија во 2008 година, а оттогаш нема пропуштено ниту едно големо натпреварување.
„За да стигнам да ова требаше многу работа, време и енергија. Се чувствувам убаво дома, во клубот, на теренот и настапот за националниот тим за мене е голема мотивација“, вели Херем за норвешкиот „VG“.
35-годишното лево крило засега не планира пензија и веројатно ќе ја видиме и на Европското првенство во Македонија, Словенија и Црна Гора, а со Норвешка досега освои осум злата, две сребра и три бронзи на досегашните настапи на големите натпреварувања.