Тимот на Алкалоид, кој оваа сезона за првпат игра во суперлигашката конкуренција ја забележа втората победа. Избраниците на Кире Лазаров славеа на гостувањето кај Куманово со убедливи 40-26.
Домаќинот успеваше да парира во првите десетина минути, кога беше 5-6. Иваноски и Кофилоски погодија за 5-8, а клучната серија беше направена при резултат 7-10. Гостите стрелаа четири пати по ред за 7-14 и веќе се наѕираше победникот. На паузата беше 10-19.
Како што заврши првото полувреме, така започна и вториот дел. Новиот суперлигаш ги казнуваше сите грешки на кумановци со брзи погодоци и не дозволи да биде загрозена предноста. Ја оддржа и ја зголеми до конечните плус 14, 40-26.
Најдобри стрелци во победничкиот состав беа крилата Александар Стојков со осум, како и Дарио Кофилоски и Александар Петковски со по пет гола, додека кај Куманово се истакна Вучко Мрвовиќ со девет погодоци, а Јован Даневски додаде уште пет.