Последниот натпревар од групната фаза во македонската Суперлига за Еурофарм Пелситер 2 значеше двојна радост. Младите битолчани очекувано го совладаа составот на Јуниор Кисела Вода со 33-23(14-12), а трите бода од оваа победа ги израмнија на табелата со Тиквеш. Поради подобрата гол разлика Еурофарм Пелситер 2 го завршува регуларниот дел од сезоната на третата позиција на табелата и со еден бод се приклучува во трката за титулата на пролет. Во групата Б Еурофарм Пелистер е прв,зад него е Пролет, а последен патник во македонскиот плеј-оф е составот на Тиквеш.
Од самиот почеток Еурофарм Пелистер 2 ја презема иницијативата и резултатската предност, која на средина на првиот дел достигна највисоки „плус три“. Иако Јуниор не дозволи домашната екипа комплетно да се одлепи и да ги реши дилемите околу победникот, не успеа ниту еднаш да го израмни резултатот иако во неколку наврати имаше само гол негатива. Првото полувреме заврши со резултат 14-12 во корист на Еурофарм Пелистер 2.
Составот предводен од тренерот Александар Јовиќ излезе помотивиран во вториот дел, по 5 минути игра веќе создадоа капитална предност од шест голови (20-14), а разликата продолжи да расте. На почетокот на 50. минута Еурофарм Пелистер 2 ја пречекори двоцифрената граница, а истата минута ги постави и највисоките „плус единаесет“,30-19. До крајот на натпреварот Јуниор успеа да намали два гола од високата разлика на домаќините, а Југовски на две секунди до крајот ги постави конечните 33-23.
Момците на Александар Јовиќ успешно го завршија првиот дел од македонската Суперлига. Ивановски постигна 7, Атанасијевиќ 6, а Петровиќ 5 во победата на Еурофарм Пелистер 2. Јуниор Кисела Вода од клупата го водеше Илија Чокрев во отсуство на тренерот Печенковски. Во скопската екипа најрасположени стрелци беа Петровски и Андревски со по 5 гола, ги следеше Митровиќ со 4.