Македонската машка репрезентација ја стартуваше втората фаза на подготовките за Европското првенство во Унгарија и Словачка.
По двете тест средби против Кувајт, избраниците на Кире Лазаров ќе одиграат уште две средби против селекцијата на Израел.
Натпреварите ќе бидат одиграни утре и задутре, на 3 и 4 јануари, но ќе бидат од затворен тип и македонската публика нема да има шанси да ги поздрави ракометарите пред ЕП.
Согласно протоколите за учество одредени од Европската Ракометна Федерација, сите ракометари во репрезентативниот табор се вакцинирани против коронавирус, а во текот на подготовките беа извршени превентивни ковид тестирања и истите беа негативни.
Протоколот од ЕХФ за учество на ЕП 2022 предвидува ковид тестирања на учесниците на 4, 7 и 10 јануари, а ракометарите заминуваат за Дебрецин на 11 јануари.
Македонија ќе игра во групата А во Дебрецин, заедно со Словенија, Данска и Црна Гора.