Тимот на Јуниор Кисела Вода стартуваше со пораз во плеј-аут битките во суперлигашкото друштво од Тиквеш, но во Кисела Вода нема така лесно да се откажат од опстанок.
Двајца нови ракометари веќе дебитираа во составот на Ристо Магдинчев, во кој остана најдобриот стрелец по првиот дел од сезоната Жарко Бајрактаревиќ.
Станува збор за средните бекови Игор Мршуља и Марио Гичев. Штипјанецот Гичев е повратник во тимот за кој играше пред една сезона. Тој беше член на Вардар 2, играше и за Работнички и за Јуниор КВ пред да се пресели во Пролет.
Таму дојде Пејовиќ, капитенот Андоновски игра на истата позиција, па Гичев во потрага по поголема минутажа се врати во Јуниор КВ. Освен на средната, Гичев добро се снаоѓа и на левата бековска позиција.
Мршуља е српски интернационалец, настапува на средната бековска позиција, а има големо искуство од настапите во странство. Тој е дете на Партизан, играше за холандскиот Волендам и унгарскиот Орошази, пред да се врати во Србија. Таму играше за Кикинда, од каде доаѓа во Јуниор КВ и ќе се обиде да му помогне на тимот во тешки битки за опстанок.
Јуниор Кисела Вода во второто коло од плеј-аут ќе игра против Голден Арт КЛ7.