Во дерби натпреварот од шампионатот на Турција, Кастамону на свој терен славеше победа против Коњалти со 34:28. Во двете екипи моментално настапуваат неколку ракометарки кои во минатото играа во Женската лига во Македонија.
Убедливо најефикасна на натпреварот беше поранешната ракометарка на Вардар, Јованка Радичевиќ. Репрезентативката на Црна Гора постигна десет гола во дресот на Кастамону.
Во екипата на Коњалти најефикасна беше Алена Ихнева, ракометарка која три сезони го носеше дресот на поранешниот македонски шампион, Вардар. Ихнева постигна седум гола, недоволни за поволен резултат на нејзината екипа.
Солидна партија во Коњалти имаше уште една поранешна вардарка, Ивана Гакидова со шест гола, а репрезентативката на Македонија, Моника Јанеска еднаш се запиша во листата на стрелци.
На табелата и двете екипи имаат по десет освоени бодови, но поради подобрата разлика од денешниот натпревар, Кастамону го презеде првото место.