Поранешните ракометарки на Вардар, Сираба Дембеле и Александра Лакрабер официјално објавија дека по завршувањето на натпреварувачката сезона 2022/23 ќе одат во пензија.
Веќе од поодамна беше познато дека Дембеле ќе ја заврши својата играчка кариера.
Искусната ракометарка, која има 36 години, во текот на 2021 година се повлече од националниот дрес на ,,триколорите”.
,,Овој пат сигурно ќе кажам дека на крајот од сезоната ставам крај на мојата спортска кариера. Иако физички, и покрај моите години, се чувствувам одлично. Мислам дека сега е вистинското време“, изјави Дембеле за француски Л’Екип.
Левото крило на репрезентативно ниво, во 2017 година дојде до титулата на Мундијалот во Германија, а година подоцна и на Европското првенство во Франција. Има и две сребра од Светските првенства и сребро и бронза од европските шампионати. Освои сребро на Олимпискиот игри во Рио де Жанеиро.
Дембеле во последните три сезони е дел од поранешниот европски првак ЧСМ Букурешт. Откако го напушти Вардар направи трансфер во Ростов Дон и во рускиот клуб мина три сезони. Во својата кариера настапуваше и за екипите на Рандерс, Тулон и Париз.
Лакрабер кон крајот на месец ноември, 2022, реши да го напушти тимот на Рапид Букурешт поради несогласувања со тогашниот селектор Карлос Вивер и веќе тогаш беше јасно дека екс ракометарката на Вардар нема уште долго да игра.
Французинката пред две години стави крај на својата репрезентативна кариера. Таа освои сè што можеше да се освои со репрезентацијата на Франција. Освои злато на Олимписките игри во Токио и сребро во 2016 година во Рио. На Мундијалот во 2017 и ЕП во 2018 година исто така беше сребрена.
Десниот бек две сезони мина во редовите на Вардар и со поранешниот македонски шампион не успеа да дојде до златото во Лигата на шампионите.