Двете играа заедно во Кометал Ѓорче Петров, сега едната и стана тренер на другата!

Љубителите на женскиот ракомет во Македонија сигурно се сеќаваат на турските ракометарки Јелиз Озел и Гонџа Нахчиванли, кои го носеа дресот на поранешниот европски првак Кометал Ѓорче Петров.

Оваа сезона двете се заедно повторно во ист клуб, Измир, но имаат различни улоги. Озел се уште е активна и 42 години на терените, додека Нахчиванли од 2017 година се посвети на тренерската работа.

Некогашниот кружен напаѓач, работеше и во машката екипа на Измир, а сега е дел од стручниот штаб и на женската екипа. Измир имаше успешен европски настап и се пласираше во осминафиналето на Европскиот Куп, откако ја елиминираа португалската екипа Сао Педро со две победи, со вкупен резултат, 59-52. Озел на двете средби даде осум гола.

Озел во Кометал ЃП дојде во текот на 2004 година, остана три сезони, односно играше до сезона 2006/07. За брзо време стана лидер во таборот на ѓорчепетровки, како и миленик на македонската публика. Поранешната репрезентативка на Турција клупската кариера ја започна во Турк Телеком во 1998 година, а играше уште во низа турски клубови – Ускудар, Анадолу Универзитет, Мили Пјанго, Јенимахал, Муратпаша, Кастамону и Јаликавак. Средниот бек беше дел и од екипите на Бјасен од Норвешка и Валчеа од Романија.

Нахчиванли беше дел од поранешниот европски шампион две сезони, од 2005 до 2007 година, кога во екипата настапуваше и Озел. Покрај за Измир и Кометал ЃП, кое беше единствено интернационално искуство за Нахчиванли, таа играше за Анадолу Универзитет, Турк Телеком Анкара, Генчлик и Муратпаша.