Ракометарките на Шампион во првото коло од плеј-аут фазата од Женската лига стигнаа до победа против составот на Феникс АМС со 30:22, во натпревар на кој беа забележани дури 15 исклучувања, два црвени картони, по еден кај двете екипи, и 14 седмерци, по седум кај домашниот и гостинскиот состав.
Гостинките од Битола пружија солиден отпор во првото полувреме, но исто така во воведниот дел имаа водство од 3:2 и 4:2. Ракометарките на Шампион израмнија на 4:4 и тргнаа во освојување на бодовите. Домашната екипа на овој натпревар не можеше да смета на искусната Валентина Радуловиќ, која на денешниот дуел беше во улога на асистент на Слободан Чивлачки.
Феникс во првото полувреме немаше решение за расположената Велигденова, која беше најекспонирана во домашниот тим. По дваесетина минути игра, резултатот беше 10:7 за Шампион.
Црвен картон во 25. минута заработи ракометарката на Феникс, Сандра Корлевска, поради трите исклучувања. Ракометарките на Николче Костовски во завршниот дел од првото полувреме се вратија во игра, постигнаа неколку погодоци во низа и на пауза заминаа со негатива од еден гол, 13:12.
Во второто полувреме на сцена настапија Неделковска и Филипова, кои беа клучните ракометарки во Шампион. Од минута во минута водството на домашната екипа се зголемуваше, во еден момент беше 12 гола разлика, 28:16.
Ракометарката од редовите на Шампион, Ангела Петровска, во 47. минута заработи црвен картон откако претходно доби три исклучувања. Шампион во последните десет минути се опушти, но не му дозволи на својот противник да ја преполови високата негатива.
Најефикасни со по седум погодоци во победничката екипа беа Нина Неделковска и Мила Филипова. Во екипата од Битола се истакна репрезентативката на Македонија, Емилијана Ризоска со девет погодоци, додека нејзината колешка, Ана Марија Талева постигна осум.