Машката сениорска репрезентација на Македонија обезбеди втора победа на дуелите против Чиле откако денеска го совлада ривалот со 28:24. И денеска момците играа без капитенот Лазаров, кој не беше во составот, но успеаја да најдат начин за победа.
Првите 15 минути од натпреварот минаа со игра во која никој не успеа да создаде предност која ќе биде доволна за да може мирно да се продолжи во натпреварот. Добрата игра на Митревски и неколкуте одбрани не се користеа бидејќи на секоја трета практично доаѓаше погодок во следниот напад.
Ова беше веројатно една од причинитепоради кои немаше предност која е чувствителна и до средината на првото полувреме немаше поголема разлика. Сепак, добрите десет минути одиграни до 15. до 25. минута донесоа прво зголемување на разликата и Македонија дојде до плус шест, 15:9.
И покрај високото водство до крајот на првиот дел дојде до опуштање, па на одмор Македонија замина со предност од четири погодоци, 16:12 што беше знак дека ќе мора да се одигра далеку поангажирано.
Стартот на вторите 30 минути беше далеку од потребното. Неколку напади без идеја и лесни погодоци на Чиле донесоа враќање на противникот односно разлика од само еден гол така што мораше да се влезе посериозно.
Мало зацврстување во одбраната даде веднаш резултат, па брзо беа обезбедени плус четири што беше знак дека може да се одигра многу подобро. Сепак, немаше ништо ново бидејќи до крај само се одржа разликата и Македонија си обезбеди триумф од 28:24.





Македонија – Чиле (втор натпревар)
Немаше премногу форсирање ниту денеска така што во мирна игра одново беше обезбедена победа над Чиле, а ова беше секако добра можност за сите ракометари да почувствуваат како е на теренот.
МАКЕДОНИЈА – ЧИЛЕ 28:24 (16:12)
Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегат: Камер Металари од Скопје
МАКЕДОНИЈА: Митревски (8 одб.), Даниловски (1 одб.), Томовски (2 одб.), Велковски 2, Кузманоски 2, Талески 3, Маркоски 2, Кузмановски 4, Костески 2, Лазаревски, Крстевски 2, Поповски 3, Георгиевски, Младеновиќ, Пешевски 3, Маџовски 1, Серафимов 2
Седмерци: 2/2, Исклучувања: 4 мин.
ЧИЛЕ: Бариентос (4 одб.), Гарсија (2 одб.), Гонзалез, Себаљос 1, Е. Фојхтман 7, Делгадо, Рејес, Фрелиј 1, Салинас 4, Илеска, Салинас, Бауман, Павез 1, Х. Фојхтман, Каљејас, Ајала 2, Доного
Седмерци: 1/1, Исклучувања: 2 мин.