Двајца таленти на Партизан потпишаа за РК Алкалоид

Едни од најперспективните млади ракометари, Тодор и Димитар Узунчеви, својата кариера ќе ја продолжат во клубот кој има високи амбиции за влез во Суперлигата, Алкалоид, пренесува „ТВ НОВА 12“.

Двајцата ракометари на Партизан од Гевгелија располагаат со сите физички предиспоции за ракомет. Нивните квалитети беа забележани од селекторот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, кој ги стави на поширокиот список на кадетската македонска репрезентација за настап на кадетскиот ЕХФ шампионат минатата година.

Тодор Узунчев (2004) настапува на позицијата лев бек, додека Димитар Узунчев (2005) игра на позицијата среден бек. Браќата Узунчеви имаат искуство со настапи во Првата лига. Во последните две сезони, тие секогаш беа меѓу најдобрите стрелци за Партизан.

Од новиот клуб на Узунчеви се очекува официјална потврда за нивниот трансфер во текот на следните денови. Тие ќе бидат на располагање на тренерот на Алкалоид, Љубомир Савевски за преостанатите натпревари од регуларниот дел од Првата лига, но и за плеј-оф натпреварите во битката за добивање суперлигашки статус за наредната сезона.