Екипите од Кувајт стануваат се попривлечни за играчите од екс-ју просторите, посебно за сегашни и поранешни репрезентативци на Црна Гора.
Поранешните ракометари на Металург, Владан Липовина и Василије Калуѓеровиќ се одлучија од Првата, односно Втората Бундес лига да се преселат во Кувајт и да играат во тамошниот шампионат, кој во новата сезона ќе биде доста возбудлив.
Липовина на крајот од сезоната ќе си замине од Магдебург и заедно со неговиот сонародник Василије Калуѓеровиќ ќе го носат дресот на Кадсија.
Калуѓеровиќ изминатите две сезони беше дел од Потсдам и неговите одлични партии во второто по ранг натпреварување во Германија беа причина да биде ангажиран во амбициозниот тим од Кувајт.
Искусниот Липовина во својата клупска кариера го носеше дресот и на екипите на Вецлар, Хутенберг и Рајн Некар Левен.
Во Кувајт ќе настапуваат и неколку интернационалци кои во минатата сезона играа во македонскиот шампионат.
Тоа се Лазар Петровиќ од Тиквеш и Усама Хосни од Еурофарм Пелистер. Двајцата ракометари ќе бидат дел од Ал Салмија.