Селекторот на сениорската машка репрезентација на Полска, Патрик Ромбел, го објави списокот на ракометари за пријателските натпревари против селекцијата на Шведска, а на него се најдоа и двајца ракометари на Вардар, Патрик Валчак и Јан Чувара.
Меѓу повиканите има неколку дебитанти со цел селекторот да ги провери нивните квалитети.
Собирот на избраниците на Ромбел е закажан за 31 октомври, додека пријателските натпревари против Шведска ќе се одиграат на 4 и 6 ноември. Првиот натпревар ќе се одигра во Малме, а вториот во Кристијанштад.
Натпреварите против Шведска ќе бидат вистинска контрола за репрезентативците на Полска пред Европското првенство кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка во јануари.