Црногорската репрезентативка и ракометарка на Подравка, Дијана Мугоша со своите добри изданија го привлече вниманието на хрватските медиуми. Тоа беше причина „Подравски лист“ да направи интервју со ракометарката во кое таа сподели интересни детали од нејзиниот живот.
„Кога почнував со ракометот не мислев дека ќе стане тоа толку сериозно. Од првиот ден ми се допаѓаше, продолжив понатаму а кога бев повикана прв пат во репрезентацијата сфатив дека би можела сериозно да се занимавам со ракомет. Како мала од училиште ме одвлекоа на ракомет прво во клубот Ауто Рекс, а потоа во Будуќност каде што научив се. Како одминуваат годините размислувам каде би можела да играм, од секогаш ми се допаѓала Унгарија и Ѓер. Да не сум ракометарка можеби ќе бев фотомодел, не сум размислувала многу на таа тема но тоа прво ми падна на памет“, рече Мугоша.
Дијана Мугоша потекнува од ракометно семејство, нејзината мајка била ракометарка и репрезентативка во поранешната Југославија. Сега нејзината ќерка оди по нејзините стапки, а слободно може да се каже дека е поуспешна од својата мајка.
Црногорката игра на левата крилна позиција во Подравка и ја дели минутажата со Корина Карловчан, а исто така е и соиграчка на нашата репрезентативка Елена Ѓорѓиевска. Мугоша брзо стана миленичка на публиката во Копривница иако до скоро не мислела дека ќе го напушти нејзиното родно место.