Репрезентацијата на Црна Гора со победата над Франција од 27:25 го освои бронзениот медал на Европското првенство 2022. Избраничките на Бојана Поповиќ во дуелот против ,,триколорките” сѐ надминаа себе си и во клучните моменти беа повеќе пофокусирани од актуелниот олимписки првак, кој континенталниот собир го заврши без медал.
Една од главните играчи во таборот на Поповиќ, левиот бек Ѓурѓина Јауковиќ го одигра најдобриот натпревар во нејзината кариера и во голот на Франција имаше шест реализации. Поповиќ во дуелот против Франција на моменти мораше да ротира и да ја одмара Јауковиќ, која доби безброј удари од ривалот.
За потсетување, ракометарката на Брест Бретањ се врати на терените пред три месеци, а минатата сезона целосно ја пропушти, откако ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото и поради тоа не настапи на Мундијалот во Шпанија.
,,Дадовме максимум на секој натпревар и уште еднаш покажавме карактер и срце. Французинките физички требаше да бидат подобри од нас, но ние докажавме дека некои недостатоци можеме да ги надоместиме со ментална сила. Игравме за Грбиќ, но и за Радичевиќ. Пред почетокот на натпреварот и ветив дека ќе ја заврши репрезентативната кариера со медал околу вратот, а тоа и го нагласив и пред почетокот на продолженијата. Реков дека ќе го оставам срцето на теренот. Иако се вратив по тешка повреда и пред ЕП играв само два месеци, ниту еднаш не помислив да се чувам. Да ми „откинаа“ една нога, ќе се вратев и ќе скокав со една, затоа што овие девојки и овој народ тоа го заслужија”, изјави Јауковиќ за црногорските медиуми.
Јауковиќ на завршеното Европско првенство беше втор стрелец, постигна 48 погодоци на осум одиграни натпревари.