После подолго време, видовме една поинаква Македонија од онаа што сме навикнале да ја гледаме на големите натпреварувања. Поинаква во смисла на играчите кои се најдоа во селекцијата. Нови лица на кои во иднина ќе треба да се навикнеме да ги гледаме, зошто тоа е иднината на нашиот ракомет.
За разлика од репрезентацијата на Шведска која има голема база на играчи и многу лесно го надополни отсуството на дури 10 стандардни репрезентативци, ние мора да бидеме реални дека со плус минус уште неколку играчи, ова е тоа со што располагаме во моментов и затоа мораме да бидеме трпеливи и да дадеме поддршка на овие играчи. Играчите треба да стасуваат во клубовите, а не во репрезентацијата. Кај нас тој процес е изгледа обратен.
Што се однесува до самиот натпревар, резултатски поминавме лошо, го претрпевме можеби еден од потешките порази во нашата историја на големите натпреварувања. Започнавме добро во нападот, играта „2 на 2“ со пивот функционираше добро, имавме неколку гола од линијата од 6 метри, а функционираше и играта со човек повеќе. Во одбрана почнавме изненадувачки со формација 5:1, меѓутоа тоа не дoнесе некој резултат, Швеѓаните лесно ја решаваа со втрчување на крилата на втор пивотмен и при неколку наши грешки во превземање постигнуваа лесни голови. Се вративме во одбрана 6:0, со нов тандем во средината, Мишевски и Талевски.
Позициите 3 и 4 во одбрана 6:0 се најбитни бидејки се наоѓаат во средината на зоната и практично ја држат одбраната. Доколку се погреши во средината многу лесно „пука “зоната по страните. Во тој период примивме неколку лесни и наивни голови токму во средината, како на поставена зона, така и при формирање на зоната, при измена од напад во одбрана. Во нападот профункционира и нашиот капитен и некаде при првата третина од мечот имавме одлични 9:9.
Тогаш Швеѓаните доста успешно ја затворија нашата десна страна и играта преку пивотмен, со што се отвори простор на другата страна од нападот. Простор, кој Талевски, Кузмановски, па подоцна Танковски и Мишевски, требаа и мораа да го искористат подобро.
Второто полувреме го започнавме со игра 7 на 6 во нападот, што даде резултат, меѓутоа следеше наше исклучување, промашен пенал и сето тоа Шведска знаеше да го искористи и казни, па набрзина се одлепи на 8-9 разлика. Во одбраната на средина поставивме со Марковски и Талевски, со што во одреден момент го запревме нивниот напад. Голманите солидно ја завршија својата задача. Митревски ја потврди својата добра форма од Порто, а Томовски покажа дека е талентиран и перспективен голман.
За крај кога ќе ја погледаме статистиката од натпреварот, ќе видиме дека имаме 10 технички грешки повеќе од Швеѓаните, немаме ниту еден гол од контра-напад, тоа се параметри од кои се гледа зошто натпреварот е загубен. Ако на тоа се додаде и фактот што ова за голем дел од репрезентаивците е прво големо натпреварување, можеби тремата го направи своето. Во овој момент Шведска е посилна репрезентација од нас и од овој пораз треба да се извлече поука и шансата за пласман во вториот круг треба да ја бараме против Египет и Чиле.