ЕХФ кон крајот на април реши да ги откаже квалификациските натпревари за место на Светското првенство во Египет. Македонија требаше да игра со Франција, но нашиот ривал по одлуката на ЕХФ оди директно на Мундијалот, а останува можноста за нашата репрезентација да се пласира на СП со вајлд-карта.
Меѓу репрезентациите кои бараат место на Мундијалот покрај Македонија, се Русија, Црна Гора, Србија и Полска, а десниот бек на полската репрезентација Павел Пачковски, вели дека ЕХФ сигурно немаше да ги откаже квалификациите ако Франција беше за едно место подолу на ЕП од последното што води директно на СП.
„Од една страна, разочаран сум што многу тимови не добија право да се борат за место на теренот, но од другата разбирам дека најважно е да го сочуваме здравјето. Како и да е, ако Франција беше едно место подолу на ЕП, односно последно што води на СП, сигурен сум дека одлуката ќе беше поинаква“, вели Пачковски.
ИХФ би требало да донесе одлука за вајлд-картите за СП најдоцна до почетокот на ноември годинава.