Тимот на Голден Арт го забележа првиот триумф оваа сезона, откако славеше против Скопје, а сега се врти кон новиот суперлигашки предизвик – Еурофарм Пелистер 2.
Еден од најискусните во тимот на Голден Арт, Златко Даскаловски, посакува позитивен резултат на дуелот со битолчани.
„Натпреварот против Скопје на кој нашиот тим ги освои бодовите е веќе зад нас и треба што побрзо да го заборавиме, затоа што овој викенд ни следува уште еден натпревар кој е од исклучително значење, а кој нема да биде лесен. Тимот на Еурофарм Пелистер 2 е екипа со искуство на настапи во Суперлигата, а оваа година учествуваше и во европските купови. Екипа која сака да се надигрува и покажа дека е сериозно конкурентна во домашното првенство. Го анализираме противникот и ни преостанува добро да се подготвиме, да ги спроведеме советите на стручниот штаб и да го дадеме нашиот максимум, со цел в сабота да извлечеме позитивен резултат“, вели Даскаловски.
Натпреварот меѓу Голден Арт и Еурофарм Пелистер 2 се игра утре со почеток во 12:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.