Екипите на Астраион и Македонија ЃП одиграа неизвесен натпревар во рамки од 16. коло од Првата лига, а на победа се радуваше екипата на Астраион, која со погодокот на Дарко Катранџиев во последната секунда, обезбеди триумф од 25:24.
Гостинската екипа од Ѓорче Петров во Струмица пристигна со 13 ракометари, додека од редовите на домаќините на терен имаше само десет ракометари. Поради малите ротации во текот на сите 60 минути, двете екипи имаа шанса да стигнат до победа.
Ракометарите на Астраион во првото полувреме пружија солиден отпор, иако на моменти заостануваа на два гола негатива. Главно во првите 30 минути се играше гол за гол. Натпреварот го отвори гостинската екипа со погодокот на Ѓиноски и сѐ до 25. минута имаше контрола на резултатот.
Во последните пет минути од првото полувреме, Астраион се избори за пресврт, направи серија од три гола со погодоците на Стојанов Марко и се одлепи на два гола позитива, 12:10. По големата борба во првото полувреме, домаќините на пауза заминаа со предност од 13:11.
Јаневски и Мојсовски, го израмнија резултатот на 13:13 на самиот старт на второто полувреме. По нерешениот резултат од 13:13, следуваше подобра игра во редовите на домаќините, која резултираше со два гола во низа и водство од 15:13.
Сепак, малата предност на Астраион не беше никаква гаранција за сигурни бодови бидејќи екипата на Македонија ЃП во 40. минута го израмни резултатот на 17:17 откако нејзиниот противник цели десет минути имаше предност од плус два.
Секогаш кога Атраион ќе направеше два гола позитива, гостите доаѓаа до израмнување на резултатот, така беше и во 45. минута кога при водство на Астраион од 20:18, Македонија ЃП со два гола во низа дојде до 20:20. Добрата серија на гостите продолжи и во следниот период. Ѓорчепетровци поведоа и со 21:20 и ги зголемија шансите за победа.
Избраниците на Џеват Равмановски во последните шест минути влегоа со минимална предност од 23:22. Астраион постигна погодок за 23:23 на речиси четири минути пред самиот крај. Во 56. минута, еден од најдобрите поединци на натпреварот, Марко Стојанов, заработи тешка повреда. Тука настана прекин на дуелот од 15 до 20 минути бидејќи се чекаше да пристигне итната помош.
Мојсовски кај гостите и Котевски кај домаќините беа ефикасни за своите екипи, па така на триесетина секунди пред крајот резултатот беше 24:24. Катранџиев Дарко беше побрз од сирената и со погодок во последната секунда обезбеди победа од 25:24 за Астраион.
Најефикасен во редовите на победничката екипа беше Васко Стојанов со 11 погодоци. Во составот на Македонија ЃП прв стрелец беше Мартин Велковски со седум погодоци.